За прв пат, Volvo ќе претстави целосно електричен модел – електричниот SUV XC40

За време на развојот на моделот на струја, шведскиот производител наишол на многу проблеми, а безбедноста е еден од најголемите. Сепак, според Volvo, компромиси на тој фронт не се направени.

„Без разлика што го придвижува автомобилот, без разлика дали станува збор за електричен мотор или мотор со внатрешно согорување, едно Volvo треба и мора да биде безбедно. Така и целосно електричниот XC40 ќе биде еден од најбезбедните автомобили што сме ги направиле досега“, вели првиот човек на одделот за безбедност на Volvo, Малин Екхолм . „Безбедносните основи за овој автомобил се исти како и за секое друго Volvo. Во него има луѓе, а автомобилот треба да биде дизајниран за да биде безбеден за нив“.

Во случај на несреќа, патниците ќе бидат заштитени со нова безбедносна структура развиена од страна на Volvo. Поставувањето на батеријата во подот, заштитена со безбедносен кафез кој ја формира т.н. зона на гужвање околу неа, ќе обезбеди батеријата да остане недопрена.

Електричниот XC40 ќе има и автономни технологии на возење, благодарение на новиот систем Advanced Driver Assistance Systems (ADAS). ADAS е развиен од компанијата Zenuity, чиј дел од сопственоста е на Volvo, а вклучува неколку радари, камери и ултразвучни сензори.

Премиерата на електричниот XC40 ќе се случи на 16 октомври, а во меѓувреме се очекуваат повеќе детали за ова возило.

Извор: Додај Гас