Италијанските власти ги затворија патиштата и ги евакуираа планинските колиби откако експертите предупредија дека дел од глечер на Мон Блан би можел да пропадне.
Постои опасност да пропадне дел од глечерот, односно мраз од околу 250.000 кубни метри, велат експертите.

Властите на најблискиот град Курмајер велат дека глобалното затоплување ја променило планината.

Масивот на Мон Блан е највисокиот планински венец во Западна Европа. Има 11 врвови над 4.000 метри во Франција и Италија и привлекува стотици илјади туристи секоја година.

Градоначалникот на Курмајер, Стефано Мисерочи, потпиша наредба за затворање на патиштата во Вал Ферет од италијанската страна на Мон Блан, откако експертите предупредија дека дел од глечерот се лизга со брзина од 50-60 см на ден.

Тој рече дека не постои закана за станбените области или туристички објекти, а планинските колиби во областа Рошефор се евакуирани како претпазливост.