Јапонскиот производител на автомобили експериментира со хибридниот модел Prius на соларен погон кој би ја анулирал потребата од полнење на електричните автомобили на специјални станици, а инспирација во компанијата ја нашле во нови, тенки соларни плочи за сателити.
Во проект финансиран од јапонската влада, инженерите на Toyota инсталирале соларни панели на хаубата, покривот, задното стакло и страничните елементи на каросеријата за да утврдат колкава електрична енергија може да произведат од сончевата енергија.
Електричната енергија од сончевите панели оди директно во погонската батерија, што значи дека автомобилот може да се наполни додека се вози и додека е паркиран. За време на сончевите денови, панелите можат да произведат доволно електрична енергија за да се патува на оддалеченост од 56 километри. За споредба, просечен Американец дневно минува 47 километри, според истражувањето на Американското здружение за безбедност во сообраќајот.
Резултатот е значително полош во случај на облачно време, но и при многу топли денови. Во такви услови, при реално возење возење, автомобилот треба да запре и да се полни на електричен полнач.
Самите соларни ќелии се екстремно тенки, само 0,03 милиметри, што значи дека се доволно флексибилни за да се прилагодат на каросеријата на автомобилот. Инженерите морале да формираат изолациона зона помеѓу стаклото односно каросеријата и панелите за да ги заштитат, така што дебелината на модулите на сончевите панели во реалност е околу еден сантиметар.
Во багажниот простор на тест автомобилот се наоѓаат батерии за соларните панели, зголемувајќи ја тежината на автомобилот за околу 80 килограми. Најголем предизвик е да се намали тежината на батериите, но и екстремно високите трошоци, вели водечкиот инженер на Toyota за проектот, Сатоши Шизуку, додавајќи дека моделот за комерцијална употреба ќе биде достапен само за неколку години.