Повеќе од 50 водечки научници од областа на роботиката и вештачката интелигенција (AI) се заканија дека ќе го бојкотираат јужнокорејскиот универзитет KAIST поради плановите да развие оружје врз основа на вештачка интелигенција.

Заканата со бојкот претставува ескалација кај дел од научната заедница во борбата за зајакнување на контролата на развојот на оружјата кои се контролирани од страна на вештачка интелигенција. Покрај тоа, бојкотот е најавен една недела пред состанокот на Обединетите нации во Женева, каде што ќе се разговора за меѓународните ограничувања на развојот на таканаречените „роботи убијци“, пишува порталот The Verge.

Бојкотот го организира професорот Тоби Волш од Универзитетот во Нов Јужен Велс, кој во изјавата за медиумите предупреди дека трката за развој на автономното оружје веќе започнала.

„Веќе сме сведоци на прототип модели на автономно оружје кои се развиваат во многу земји, вклучувајќи ги САД, Русија, Кина и Велика Британија. Заглавени сме во трка на вооружување што никој не ја сака. Постапките на универзитетот KAIST само ќе ја забрзаат оваа трка. Тоа не може да се толерира од страна на научната заедница“, изјавил Волш.

Меѓу потписниците на бојкотот се водечки истражувачи во областа на вештачката интелигенција како Џофри Хинтон, Јошуа Бенгио и Јурген Шмидхубер. Бојкотот би забранил контакт и академска соработка со KAIST универзитетот сè додека оттаму не дадат гаранција дека оружјето што го развиваат ќе има значајна човечка контрола.

Иницијална каписла за бојкотот беше најавата на KAIST универзитетот од каде што во февруари објавија дека работат на нов истражувачки центар во кој ќе експериментираат заедно со јужнокорејската компанија Hanwha Sytems. Како што тогаш објави весникот Korean Times, целта на овој центар ќе биде да се развијат технологии на вештачка интелигенција кои ќе се применуваат кај военото вооружување. Според податоците, ваквите технологии ќе можат да ги елиминираат своите борбени цели без човечка контрола.