„Икеа“ инвестира во романски ветроелектрани

Групацијата Ингка, сопственик на повеќето продавници на „Икеа“, ќе купи 80% од уделот во седум романски ветроелектрани од производителот на ветерни турбини Вестас, за 136 милиони евра.

Аквизицијата вклучува 64 турбини со вкупен капацитет од 171 мегават, објави групацијата Ингка, која исто така купила и голема ветроелектрана на морето во Германија.

„Уделот од 80 проценти е во согласност со нашата идеја да произведеме онолку обновлива енергија колку што трошиме, а со инвестицијата сме чекор поблизу до постигнување на нашата цел за 2020 година“, изјави финансискиот директор на „Ингка инвестментс“, Кристер Матсон.

Трансакцијата е потпишана, но допрва треба да се добие дозвола од надлежните регулатори, наведуваат до Ингка. Заклучокот се очекува во октомври.

Од Вестас потврдуваат дека договорот е во согласност со нивната стратегија за здружување на силите со клиентите за развој на проекти и управување со имот.