Во последните години гледаме се поголема популарност на паметните дисплеи.Практично, се работи за паметни звучници, кои во себе имаат вградени дисплеи кои овозможуваат гледање видео записи, видео повици и конектирање на другите паметни уреди (како што се камерите) за да се врши мониторинг и слично.

Lenovo веќе некое време креира уреди од овој тип, како што е Smart Display од минатата година или Smart Clock кој го видовме оваа година.

Компанијата сега, во текот на IFA 2019 саемот, го претстави Smart Display 7. Како што сугерира името на уредот, Smart Display пристигнува со 7-инчен екран (во споредба со минатогодишните 8-инчни и 10-инчни модели), така што ќе им одговара на оние кои сакаат нешто покомпактно.

Новиот модел има и нешто поинаков дизајн во однос на своите претхдоници, а овој пат Lenovo се одлучи звучниците да ги смести под дисплејот, наместо од страна. Покрај ова, присутни се Google Assistant поддршка и вградена камера.

Цената на Lenovo Smart Display 7 уредот изнесува 130 евра, а во продажба се очекува од октомври.