Puma објави дека ќе го лансира својот прв паметен часовник на пазарот, создаден во партнерство со американскиот бренд Fossil Group, пишува CNBC. Германскиот гигант за спортска облека го претстави уредот на саемот за потрошувачка електроника IFA во Берлин. Часовникот доаѓа со чипсет Snapdragon Wear 3100 на Qualcomm и Wear OS – Android за уреди што се носат.

Часовникот ќе биде достапен во три бои – црна, бела и жолта боја, и вклучува карактеристики како што се мерење на отчукувањата на срцето, GPS и виртуелниот асистент на Google.

„Возбудени сме да го претставиме нашиот прв паметен часовник, во кој е вклучена ДНК-та на брендот Puma, позната од нашата спортска облека и обувките“, рече Адам Петрик, глобален маркетинг и бренд директор во компанијата.

Овој потег го покажува навлегувањето на Puma на преполниот пазар во кој доминираат технолошки гиганти како Apple, Samsung и FitBit. Компанијата за истражување на пазарот IDC проценува дека скоро 92 милиони паметни часовници ќе бидат продадени оваа година, а тој број ќе се зголеми на 132 милиони до 2023 година.

Продажбата на часовникот Puma ќе започне во ноември по цена од 275 долари.