Во организација на ИАБ Македонија, асоцијацијата која ги обединува интернет порталите, агенциите и огласувачите од земјава, вчера во хотелот DoubleTree By Hilton се одржа отворена панел дискусија на тема “Перспективи на развојот на дигиталниот пазар во Македонија“.
На панел дискусијата, која ја водеше Претседателот на ИАБ Македонија, Борис Ефтимовски говореа сопственикот на интернет порталот Фактор, Александар Манев, првиот човек на Кајгана медиа, Дарко Лазаревски и директорката на Медиа План, Сашка Николова.
На дебатата беа разгледани актуелните теми и предизвици поврзани со понатамошниот развој на македонскиот дигитален пазар, зголемување на интернет огласувањето, развојот на нови интерактивни формати на огласување, саморегулацијата на интернет медиумите, регистарот на онлајн портали што го прифаќаат Етичкиот Кодекс на ИАБ и останатите аспекти во релацијата огласувачи-медиуми-институции.
Од панелот произлезе Акциски план како сите засегнати страни би се координирале во насока на дополнително унапредување на дигиталниот пазар и што е она што е потребно институциите да преземат за да го поддржат овој процес.
Здружението ИАБ во Македонија постои од 2012 година и во него членуваат голем број на маркетинг агенции, медиуми и компании кои се залагаат за развој на дигиталниот и интерактивниот маркетинг во земјата.
ИАБ Македонија во моментов работи на повеќе проекти за развој на дигиталниот пазар, меѓу кои и Етички Кодекс на саморегулација, база на издавачи што го прифаќаат и воспоставување на официјален систем за мерење на интернет издавачите.
Поврзани артикли