Според универзалниот закон за гравитација, секои две тела меѓусебно се привлекуваат со својата маса. Гравитацијата е сила што нè држи прицврстени за земјата.
Но, иако тоа правило би требало да важи насекаде, се чини дека постојат места што се отпорни на силата на гравитацијата. Ова се тие феномени:
1. Водопад на Фарските Острови
Можете ли да замислете водопад кој се движи нагоре? Тоа не е научна фикција, туку навистина постои – се наоѓа на Фарските Острови, во Атлантскиот Океан, меѓу Шкотска и Исланд. Веројатно овој податок ве изненадува, но научниците објаснуваат дека не е единствениот ваков водопад. „Виновник“ за таквото движење на водата не е отпорноста на гравитација, туку силата на ветрот кој ја движи водата нагоре.
2. Магнетен Рид, Индија
Овој рид, кој се наоѓа по должината на националниот автопат Лех-Каргил-Балтик во Индија, наводно има магнетни својства кои можат да ги придвижат автомобилите нагоре. Некои велат дека дури и авионите што летаат над оваа област мора, поради необичните сили, да ја приспособуваат висината на летање. И додека многу луѓе веруваат дека станува збор за некаква магија, скептиците објаснуваат дека станува збор за оптичка илузија која е креирана од пејзажот на локацијата и ридовите што ја опкружуваат, поради што се чини дека патот, кој всушност е надолнина, се протега нагоре. Ова место не е уникатно во светот, постојат слични примери и во САД и во Канада.
3. Браната Хувер, САД
Ако некогаш ја посетите Хуверовата брана во САД, задолжително пробајте го овој експеримент – земете шише со вода и обидете се да ја истурите водата во браната. Ќе забележите дека водата „ќе биде непослушна“, па наместо надолу, ќе се придвижи нагоре. Причина за ова е силниот ефект на ветрот што се создава поради структурата на браната, пишува сајтот Brightside.
4. Мистериозно место Санта Круз, Калифорнија
Оваа необична локација се наоѓа во шума недалеку од градот Санта Круз, а целото подрачје е со дијаметар од 45 метри. Она што го прави ова место необично е тоа што изгледа дека луѓето се движат навалени, а предметите како да се движат по нагорнина. И додека некои веруваат дека ова место е волшебно, експертите објаснуваат дека всушност станува збор за добро осмислена и скриена оптичка илузија која е создадена за туристички цели.
5. Мистериозна точка, Мичиген
Наводно ова место го истражувале и полицијата и ФБИ во текот на 50-тите години на 20 век. Кога стигнале до тоа место, целата нивна опрема престанала да функционира. По натамошното тестирање откриле дека тој проблем се јавува само на одредено подрачје со дијаметар од околу 100 метри – и ја нарекле Мистериозна точка. Дополнително поставиле и предмети за забава со оптичката илузија – работите се движат нагоре, луѓето можат да држат рамнотежа движејќи се по ѕидовите… иако ефектите се обична оптичка илузија – сепак изгледа забавно.
Поврзани артикли