Руските стручњаци од научноистражувачката лабораторија „Инженериски технологии во медицината“ во Ростов-на-Дон конструираа еден од првите руски биопринтери. Уредот служи за создавање живо ткиво кое според карактеристиките е многу слично на природното.

Како што соопшти информативната служба на Донскиот државен технички универзитет, биопринтерот под називот BION-F печати тродимензионални структури кои служат како материјал за подоцнежен биоинженеринг, т.е. за производство на ткиво. Процесот на печатење трае од 20 минути до неколку часа, во зависност од големината и структурата на зададениот предмет.

Според креаторите на овој уред, тие успеале да применат технологија на брзо генерирање на прототип, благодарение на што конструкцијата на биопринтерот е прилично едноставна. Во перспектива овој уред може да се користи во областа на регенеративната медицина и козметичката хирургија, како и за истражувачко тестирање на фармацевтски препарати.

Лабораторијата „Инженериски технологии во медицината“ е основана во склоп на соработката на научниците од Донскиот државен технички универзитет и стручњаците на Ростовскиот научноистражувачки онколошки институт. Проектот доби и поддршка од Европската унија во рамките на програмата „Темпус“.