Компанијата Oppo објави фотографии од смартфон со екран со нов дизајн, што го нарекува „waterfall screen”.

Oppo претходно на пазарот пласираше телефони со закривени екрани како што е Find X, но waterfall screen претставува повисоко ниво, бидејќи рамките на екранот се свиткуваат под агол од 88 степени. Ова креира ефект кој прави рамките од страна да бидат речиси невидливи кога се гледаат од предната страна. Со други зборови, телефонот ќе нуди изглед без рамки, кога е во прашање дизајнот на уредот.

Уредот изгледа атрактивно, но се поставува прашањето како ќе се однесува при користењето. Не е јасно дали „продолжениот екран” ќе биде осетлив на допир и дали тоа ќе предизвика случајни активности. Рамките на смартфонот немаат доволно простор за копчињата за контрола на јачината на звукот и вклучување/исклучување на уредот, така што Oppo мора да пронајде друго место за нив. Закривените екрани и претходно предизвикуваа поделени мислења.

Како и да е, веројатно наскоро на пазарот ќе видиме смартфон со „waterfall” екран, бидејќи Oppo обично ги најавува новитетите во форма на прототип, пред да ги пласира продукциските модели.