Хакери украле лични и финансиски податоци на милиони бугарски граѓани. Тие насилно влегле во системот на државната даночна управа, соопшти бугарската влада.
Сајбер-нападот на бугарската Национална агенција за приходи (НРА) се случил кон крајот на јуни, а е откриен откако едно лице, кое тврди дека е руски хакер, ги контактирало бугарските медиуми доцна синоќа нудејќи им пристап до украдените податоци.
„Споредивме 30 отсто од податоците кои се објавени и потврдуваме дека тоа се информации од НРА“, изјавил Росен Бачваров, портпарол на НРА.
Бугарскиот министер за финансии, Владислав Горанов, изјави дека информациите кои се украдени немаат ознака „доверливо“ и не ја загрозуваат финансиската стабилност.
Дневниот весник „24часа“ објави дека еден фајл кој го испратил наводниот хакер по електронска пошта содржел повеќе од 1,1 милиони идентификациони броеви со податоци за приходи и за социјално и здравствено осигурување.