Почетокот на изградбата на новиот автопат долг 2000 километри кој преку Русија ќе ја поврзува Европа со Кина доби официјално зелено светло.

Автопатот „Меридијан“ ќе почнува од градот Шангај во Кина, ќе минува низ Казахстан и ќе претставува најкраток пат за превоз на стока меѓу Европа и Кина. Целата должина на патот ќе изнесува околу 8000 километри.

Рускиот премиер Дмитри Медведев ја одобри првата фаза од проектот, кој ќе го финансираат приватни инвеститори и држави.

Се проценува дека во изградбата на автопатот ќе бидат вложени 9, 4 милијарди долари. Руската агенција RIA пренесува дека досега се купени 80% од земјиштето на кое се планира да се гради автопатот. Овој проект е еден од многуте со кои се има цел да се подобрат инфраструктурата и поврзаноста во регионот.

Претседателот на Кина, Шји Џјингпинг, во 2013 година, ја покренал иницијативата „Појас и пат“, глобална инфраструктурна програма за изградба на пристаништа, патишта и железница, со цел да се создаде нов коридор за поврзување на Кина со Азија, Африка и Европа.