Samsung својот Galaxy Watch Active паметен часовник го објави во март, а изгледа дека компанијата веќе е во поодмината фаза во процесот на развој на втората генерација на паметниот часовник. Сајтот SamMobile дојде до протечени фотографии од часовникот, а се сугерира дека ќе биде достапен во две големини (40 мм и 44 мм), како и дека ќе има LTE варијанта.

LTE верзијата на паметниот часовник ќе има и поголема батерија (340mAh), додека WiFi моделот ќе има 237mAh батерија. Ќе постојат и разлики во дизајнот. Ротирачката рамка, која беше присутна на другите часовници на Samsung, повторно ќе биде отсутна, како кај првата генерација на Galaxy Watch Active. Некои од копчињата имаат поинакви облици, додека задната страна на часовникот има сензор кој ја следи работата на срцето.

Со оглед на тоа дека поминаа само неколку месеци од објавата на Galaxy Watch Active моделот, сигурно ќе помине извесно време додека неговиот наследник не биде официјално претставен и можно е дека во овој период ќе дојде до измени во дизајнот и функциите на Galaxy Watch Active 2 паметниот часовник.