Во текот на април се појавија рендери на првиот смартфон на Motorola со четири камери на задната страна, кој е прикажан во сина боја. Сега имаме дополнителни фотографии, кои во палетата додаваат уште три бои.
Фотографиите покажуваат четириаголна испакнатост за камерите на задната страна, со четири сензори поставени во четвороаголен аранжман, под кои се наоѓа логото на Motorola. Блицот за камерата не се најде во овој систем, па е сместен отстрана.
Телефонот би требало да биде објавен како Motorola One Pro, иако првобитно беше планиран како дел од Moto Z4 линијата.
Уредот ќе има 6,2-инчен екран и димензии од 158,7 x 75 x 8,8 мм (9,8 мм доколку ја сметаме испакнатината за камерата). Тука се и 3,5 мм приклучок и USB-C порт во дното на уредот, како и слот за картички во врвот на рамката.