Во САД возрасните лица оваа година ќе поминат просечно 3 часа и 43 минути секој ден користејќи паметни телефони и таблети, што е осум минути повеќе отколку што ќе поминат гледајќи телевизија, предвидува истражувачката компанија „еМаркетер“.
Промената се очекува со години, особено откако паметните телефони станаа присутни насекаде и откако се промени начинот на кој луѓето ги користат уредите. Телефоните овозможуваат повеќе користење на социјалните мрежи, а гледањето серии и филмови на помали, преносни екрани стана вообичаено.
– Денес постојат многу повеќе содржини отколку што постоеја пред само неколку години – истакнува Моника Пијарт, истражувачка во „еМаркетер“, мислејќи на растот на платформите за видеостриминг.
Разликата во поминатото време користејќи мобилни уреди и гледајќи телевизија е значително намалена. Минатата година Американците минувале 9 минути повеќе гледајќи телевизија отколку што користеле мобилни телефони и телефони. Но, гледањето телевизија порано доминираше и пред само пет години возрасните минуваа два часа повеќе гледајќи телевизија отколку што употребуваа мобилни уреди.
Од „еМаркетер“ очекуваат дека овој тренд ќе продолжи. Проценуваат дека во 2021 година возрасните ќе минуваат 3 часа и 54 минути на своите мобилни уреди, во споредба со 3 часа и 22 минути гледајќи телевизија.
Процените не вклучуваат испраќање говорни пораки на мобилните уреди, но вклучуваат многу други функции.
Најинтересните статистики се поврзани со подемот на платформите за видеостриминг, чија употреба во споредба со минатата година се зголемила за 8 минути.
За разлика од традиционалните телевизии, платформите за видеостриминг му овозможуваат на гледачот да си избере што сака да гледа во кој било момент. Компаниите како Нетфликс, Амазон и Епл значително инвестираа во додавање нови серии и филмови на своите платформи и така доведоа до голем раст во целата индустрија, вклучително и во анимацијата. Минатата година се очекуваше „Нетфликс“ да потроши до 13 милијарди долари на оригинални или лиценцирани содржини.
Потрошувачите се сѐ попребирливи кога станува збор за тоа што ќе гледаат и во кое време, смета Пијарт.
– Станува збор за тоа дека имате право да одберете што и како ќе гледате, во споредба со дизајнот на телевизиската програма, кој бара следење во одредено време – вели таа.
Традиционалните телевизиски мрежи и студија започнаа или се во процес на започнување на сопствени платформи за видеостриминг за да придобијат повеќе гледачи. „Дизни“ оваа година ќе претстави сопствена платформа, а најниската цена за гледање ќе биде 6,99 долари месечно.
Извор: Tportal.hr
Поврзани артикли