Истражувањето за продажбата на паметни телефони во 2018 година е објавено на профилот на “Counterpoint Research” на кинеската социјална мрежа “Weibo”, без дополнителни информации и објаснувања, а според тие податоци, на листата на најпродавани доминираат телефоните на Apple. Најпродаваниот модел во светот, според информациите, е iPhone X, а интересно е тоа што следните три најпродавани телефони на светот исто така се модели на iPhone.
По моделот X, следува iPhone 8, потоа iPhone 8 Plus и на крајот е моделот претставен уште во 2016 година – iPhone 7.
По уредите на Apple се најде Redmi 5A на Xiaomi, потоа Galaxy S9 на Samsung, iPhone XS Max, iPhone XR и Galaxy S9 Plus.
Освен најпродаваните телефони во изминатата година, оваа недела “IDC” објави и податоци за продажбата на мобилните компании на глобалниот пазар во првиот квартал оваа година – Samsung и понатаму го држи првото место со 23,1 отсто од пазарот, но јужнокорејската компанија забележала пад на испораката поголем од 8 отсто во однос на истиот период во 2018 година и испорачала нешто помалку од 72 милиони телефони.
Huawei цврсто го држи второто место со пораст на испораката од дури 50 отсто – во првото тримесечје оваа година заземаа 19 отсто од пазарот со испорака од 59 милиони паметни телефони. Apple испорачал нешто повеќе од 36 милиони телефони, што е пад од дури 30 отсто. Во минус со испораката (од 10 отсто) бил и Xiaomi, кој се наоѓа на четвртото место и со 25 милиони испорачани телефони држи 8 отсто од пазарот, а по него следуваат уште две кинески компании – Vivo и Oppo.