Компанијата Sony порачува дека следната генерација на кознолата PlayStation нема да биде подготвена за пазарот во следните 12 месеци.

Новинар на Wall Street Journal преку Twitter објави дека Sony на новинарите им соопштил дека PlayStation 5 нема да го здогледа светлото на денот во следните година дена. Тоа би можело да се случи дури во текот на летото или есента 2020. година.

Sony досега откри некои спецификации на претстојната конзола, која ќе поддржува 8K графика, 3D аудио, SSD меморија и постоечките игри за PlayStation 4. Исто така, ќе има осмојадрен процесор базиран на третата генерација на AMD Ryzen процесори.

Помоќниот процесор и SSD меморија значат големо подобрување, а истото се очекува и од Microsoft, кој подготвува две нови Xbox конзоли за 2020. година. Anaconda ќе биде наследник на конзолата Xbox One X, а Lockhart ќе го замени Xbox One S.

Sony досега продаде 96,8 милиони конзоли на PlayStation 4.