Разликата помеѓу OnePlus 7 и OnePlus 7 Pro телефоните би можела да биде поголема отколку што се очекуваше. Засега дознавме дека Pro моделот ќе има поголем екран (6,64-инчи наспроти 6,4-инчи) со pop-up селфи камера наместо засек во облик на капка. Меѓутоа, најновите детали сугерираат дека ова ќе биде првиот QHD екран на компанијата.

Споменатиот екран ќе работи на 90Hz, што сугерира дека OnePlus би можел да цели на пазарот на гејминг смартфони. Ова секако е можно со помош на Snapdragon 855 чипсетот и голема количина на RAM меморија, која ќе го краси OnePlus 7 Pro. Доколку не биде наменет за гејминг пазарот, екранот од 90Hz секако ќе го направи корисничкиот интерфејс помазен за користење.

Гласините исто така споменуваат дека Pro моделот ќе има и стерео звучници, но не е познато како ова ќе функционира со тенката горна рамка, без засек.

OnePlus 7 Pro ќе има 4000mAh батерија, со поддршка за 30W Warp Charge. Засега не е познато дали стандардниот OnePlus 7 ќе го задржи стариот 20W полнач. Исто така, Pro моделот конечно ќе премине на USB 3.1 конекција.