Покрај имплементацијата на 5G мрежата, максималното намалување на рамките околу екранот, уште еден тренд се појави во текот на минатата година, кој пошироко ќе биде прифатен во 2019. година – обратно безжично полнење. Оваа опција ја имаше Huawei Mate 20 Pro, ја има новиот P30 Pro, Samsung му се придружи на трендот со Galaxy S10 линијата, а изгледа дека во приказната ќе се вклучи и Apple.

Според најновиот извештај, кој го објави познатиот аналитичар Минг-Чи Куо, Apple споменатата технологија ќе ја имплементира во своите претстојни 2019 iPhone модели, кои се очекуваат во текот на есента. Со оваа функција, новите iPhone уреди ќе можат безжично да ги полнат другите iPhone модели, новите AirPods слушалки со Wireless Charging Case, како и било кој друг Qi компатабилен уред.

Куо истакнува дека Compeq ќе ги обезбеди плочите за батерии, додека STMicro за Apple ќе нуди контролер за безжично полнење. За се ова да функционира, се очекува дека ќе се зголеми и капацитетот на батериите на новите iPhone модели. Наследникот на iPhone XS Max би можел да има 10 до 15 проценти поголема батерија, додека наследникот на iPhone XS би можел да има батерија која е поголема за дури 20 до 25 отсто. За новата генерација на iPhone XR се прогнозира зголемување од само 0 до 5 проценти.