На денешната седница Владата го усвои националниот оперативен бродбенд-план за пристап до побрзи и подобри интернет-услуги во согласност со стандардите на ЕУ. Имајќи ги предвид овие ЕУ-критериуми, како и идните најавени инвестиции на операторите во следните три години, националните бродбенд-таргети за Северна Македонија утврдуваат дека до крајот на 2023 година најмалку еден град да биде покриен со 5Г сигнал, а до крајот на 2025 година главните коридори во согласност со договорот за основање транспортна заедница на основната и сеопфатна патна мрежа во државата ќе мора да бидат покриени со непрекинат 5Г сигнал.
Во националниот oперативен бродбенд-план е испланирано дека до крајот на 2027 година сите градови во државата да бидат покриени со непрекинат 5Г сигнал и дека до крајот на 2029 година секој граѓанин на нашата земја ќе има можност за пристап до интернет преку 5Г со минимална брзина на пристап до интернет од најмалку 100 Mbps.
До крајот на 2029 година најмалку 50 отсто од вкупниот број претплатнички договори на домаќинствата во целата држава да бидат за пристап до интернет од најмалку 100 Mbps, сите домаќинства ќе имаат можност за пристап до мрежа што овозможува брзина за download од најмалку 100 Mbps со можност за надградба на гигабитна брзина по прифатливи цени и дека сите јавни институции (училишта, универзитети, истражувачки центри и други образовни установи здравствени установи, министерства, судови, локални самоуправи и други државни органи и тела) ќе имаат симетричен пристап до интернет со брзина од најмалку 1 Gbps.