Трет ден оваа недела и трета објава на Apple на нов хардвер, кој се пушта во продажба без големи претходни најави. Најпрвин, во понеделникот ја освежија iPad линијата со два нови модела, потоа вчера ја надградија и линијата на all-in-one компјутерот iMac, а денеска во онлајн продавницата ја додадоа и новата верзија на безжични слушалки AirPods.
— Tim Cook (@tim_cook) March 20, 2019
Новите AirPods слушалки работат со нов H1 чип. На корисниците би требало да им пружат и до 50 проценти повеќе време поминато во телефонирање и hands-free активација на виртуелната асистентка Siri, а можеби најочекуваниот додаток на овие слушалки е куќиштето, кое им овозможува безжично полнење. Освен поголемата автономија, H1 чипот ќе го скрати времето на поврзување на слушалките и ќе овозможи полесно префрлање од еден уред на друг, а можностите на менување песни, остварување повици и задавање други наредби ќе се остварува со едноставната гласовна наредба “Hey Siri”.
Новите Airpods слушалки во основната верзија ќе чинат 159 долари, а оние кои ќе се одлучат за верзијата со можност за безжично полнење ќе треба да платат 199 долари. Во продажба е пуштено и самостојно куќиште за безжично полнење на постоечките AirPods слушалки, по цена од 79 долари.
Сега чекаме уште кои од “споредните” производи Apple ќе ги надгради до крајот на неделата. Како кандидати се споменуваат iPod Touch, сосема новиот AirPower безжичен полнач, а не е исклучено да се појават некои нови верзии на Apple Watch или HomePod звучникот.