Xiaomi би требало во вториот квартал од оваа година да претстави сопствен смартфон со екран на преклоп, кој според еден кинески извор ќе биде речиси двојно поевтин од флексибилнниот уред на Samsung.

Оваа година главен хит на секој производител на смартфони се уредите со екрани што се превиткуваат. Дел од производителите веќе претставија такви уреди, а некои како кинескиот Xiaomi тоа планираат да го сторат во блиска иднина.

Главен линк помеѓу таквите флексибилни уреди е секако и високата цена. Да потсетиме, Galaxy Fold на Samsung има цена од 1980 долари, а Mate X на Huawei чини дури 2600 долари.

Бидејќи Xiaomi отсекогаш бил производител кој за пониска цена нуди уреди со еднакви перформанси како и осетно поскапите флегшип уреди, истото се очекува и овој пат. Според извор во Кина (iGyaan), Xiaomi својот Mi Fold или Mi Flex уред би требало да го претстави во текот на вториот квартал на 2019. година. Истиот извор наведува дека смартфонот на преклоп на Xioami ќе биде речиси двојно поевтин во однос на Galaxy Fold, што беше претставен во февруари во Сан Франциско, заедно со уредите од Galaxy S10 серијата на Samsung.

Изворот наведува цена од 999 евра во Европа, односно исто толку долари во Америка. Истиот извор истакнува дека ваквата разлика во цената е можна поради поевтините екрани, кои за Xiaomi ги произведува компанијата Visionox Technology. Бидејќи и Mi Fold/Mi Flex ќе има OLED екран, ќе биде интересно да се види каков ќе биде неговиот квалитет во однос на дисплеите на Galaxy Fold и Mate X моделите, кои исто така ја користат OLED технологијата.

Засега не се знае премногу за техничките спецификации, но се знае дека уредот ќе работи на Snapdragon 855 процесор и ќе има барем 10 GB RAM меморија. Кон крајот на јануари се појави и видео, кој открива дека Mi Fold/Mi Flex ќе има целосно поинакво решение од конкурентите. Xiaomi се одлучи на решение, каде што екранот се превиткува од двете страни.