Иако наредниот смартфон од Google од средниот сегмент се очекува нешто подоцна во текот на годината, сега имаме некои од првите протечени информации за тоа што би можело да биде наследник на Google Pixel 3 XL моделот. Најновите информации ни ги донесува SlashLeaks, и пристигнуваат во формат на дводимензионални скици на уредот.

Иако е прерано за потврдување на веродостојноста на овие скици, тимот од сајтот Phone Arena направи реалистични нацрти од протечениот дизајн.

Предната страна доста потсетува на Galaxy S10+. Присутен е систем со две камери, сместен во punch-hole отвор. Кога се рамките во прашање, според скиците тие се речиси непостоечки. Исто така, забележливи се два микрофона – еден од горната и еден од долната страна.

Иако тоа не е специфично споменато во нацртите на телефонот, креаторот на скиците сугерирал дека Pixel 4 XL ќе има сензор на отпечатоци на прсти во екранот. Исто така, уште еден интересен детал е системот со две камери на задната страна. Google Pixel 3 и 3XL на задниот дел имаат само по една камера, иако системот со две или повеќе камери беше во екот на популарноста кога беа претставени двата телефона.

Google Pixel 4 би можел да биде објавен во текот на настанот Made By Google, кој обично се случува околу октомври.