Преку технологијата на NASA наречена „воздух на воздух“ имаме шанса да ја видиме првата фотографија од суперсонични авиони во лет, кои го брануваат воздухот.

Оваа технологија, покрај тоа што произведува убави фотографии, ќе им помогне на инженерите во NASA да дизајнираат поефикасни летала кои само нежно ќе пловат по воздушните бранови наместо гласно да ја кршат звучната бариера.

Проектот е наречен AirBOS, односно Air Background Oriented Schlieren flights, и тој неодамна беше активен за време на тест-летовите спроведени во центарот за истражување на летови на NASA, кој се наоѓа во Калифорнија.

Како и секој друг авион, суперсоничните авиони произведуваат звучни бранови кога патуваат низ воздухот. Кога авионот патува побавно од брзината на звукот (околу 1.126 км/ч), звучните бранови се делат кај предниот дел од авионот и „се слеваат“ по неговите страни. Но, кога авионот патува со суперсонична брзина, тој се движи побрзо од звучните бранови пред него. Во таква ситуација се случува „соничен бум“, предизвикан од авионот кој го крши звучниот ѕид. Гласниот звук кој го произведува соничниот бум е всушност комбиниран звук на брановите кои обично се слеваат по страните на авионот.
Со специјалната опрема на NASA, oвие бранови можат да се визуелизираат, бидејќи опремата ги забележува како нагли промени во воздушниот притисок. Во првата слика, се работи за два борбени авиони од моделот T-38 кои летаат во формација, оддалечени 10 метри еден зад друг, а авионот кој е поназад лета 4 метри пониско од првиот. Оригинално, сликите беа монохроматски, но NASA ги објави во колор-верзија.

„Податоците кои ги добивме од овој тест се навистина многу значајни и ќе ни помогнат во иднина, за подобро да разбереме како реагираат воздушните бранови на леталата“, изјави Нил Смит, инженер во NASA.

Со новите податоци, инженерите на NASA ќе го подобрат и усовршат дизајнот на концептот  X-59 Quiet SuperSonic Technology X (поедноставно наречен X-59 QueSST, кој ќе биде способен да лета во суперсонична брзина без да произведе соничен бум, туку само потивок звук, кога ќе ја надмине брзината на звукот.

Суперсоничен авион со овие способности ќе може да добие дозвола да лета над земја, што во моментов не е дозволено за суперсоничните авиони во САД и многу други земји од светот.