Неколку години наназад е познато дека на Месечината има вода, но поголемиот дел е под површината на природниот сателит на Земјата. Научниците од американската вселенска агенција НАСА ги обработија податоците од последните две мисии на Месечината и анализата покажува дека водата не е ограничена на одредена област или терен, и затоа е тешко достапна.

Сега пред истражувачите има нова цел – да откријат какво е потеклото на водата и како може да се искористи како ресурс. Првите претпоставки се дека ако на Месечината има доволно вода и добивањето е релативно лесно, таа ќе биде користена или за пиење, или ќе биде разбиена на водород и кислород и искористена за производство на ракетно гориво. Трета опција е да се претвори во кислород и искористена за дишење.

„Откривме дека нема разлика во кое време на денот или на која географска ширина гледаме. Сигналот од вселенските станици покажува дека водата секогаш постои“, вели Џошуа Бандфилд, виш научен соработник на Институтот за вселенски науки во Болдер и водечки автор на нова студија објавена во „Nature Geoscience“.

Резултатите од истражувањето се, сепак, малку и спротивни на некои претходни студии кои укажуваат дека само во поларните ширини на Месечината има вода. Анализата од последните мисии е подложена на сомнеж, бидејќи доказите доаѓаат целосно од алатки за далечински мониторинг кои ја мерат силата на сончевата светлина, рефлектирана на површината на Месечината. Бандфилд тврди дека студијата докажува дека водата е раширена и релативно неподвижна. Нејзиниот хемиски состав, сепак, веројатно не одговара на молекуларната формула H2O.