Apple ја исклучи можноста за инсталација на интерните апликации на Facebook на iPhone уредите и тоа како одговор на скандалот во кој популарната социјална мрежа им плаќа на тинејџерите да инсталираат шпионски софтвер на своите смартфони.

Забраната за инсталирање на апликациите на Facebook значи дека компанијата нема да може да тестира необјавени верзии на Instagram, WhatsApp, Facebook Messenger и други јавни апликации, а притоа како дел од блокадата се забранува и интерниот софтвер на Facebook.

Оваа забрана доаѓа откако се дозна дека Facebook им плаќал на деца и возрасни корисници за да ги следи сите активности на нивните телефони, вклучувајќи ја нивната историја на пребрарување, приватните пораки и моменталната физичка локација. Луѓето кои учествувале во оваа програма на Facebook добивале по 20 долари месечно за да ја предадат контролата над нивните уреди на компанијата. Од Facebook велат дека шемата била наменета за да се подобрат производите на компанијата.

Собирањето податоци на тој начин е забрането кај апликациите кои се достапни во App Store на Apple. За да ја заобиколи таа рестрикција, Facebook употреби посебен исклучок од правилата кој е дел од програмата на Apple, која им дозволи да ги направат нивните апликации достапни за уредите на Apple, но надвор од App Store.
Facebook веќе најави дека ќе престане со праксата на плаќање корисници за да ги користи нивните информации, но само за корисниците на Apple, не и за оние кои користат смартфони со Android оперативен систем. На почетокот компанијата се обиде да ги негира гласините, а потоа призна дека го употребувал тој начин на „купување податоци“, со тоа што претставници на Facebook изјавија дека тоа не е целосната верзија на приказната.