Во обид да пронајде нов извор на приходи, популарното модно списание Vogue ќе добие нова дигитална верзија, пишува „Фајненшл тајмс“.

Vogue Business ќе се занимава со теми што ќе им се допаднат на деловните луѓе во модната индустрија, како и на индустријата за убавина и козметика, и ќе имаат само онлајн-издание.

Новиот портал ќе ги покрива темите за промените на пазарот, културните движења, трендовите и технологиите што ќе влијаат на модната индустрија.

Vogue Business ќе почне како билтен, кој ќе излегува двапати неделно, а ќе го уредува Лорен Индвик, поранешна извршна уредничка на Fashionista.com. На проектот ќе работат 21 лице, од кои шест новинари. На почетокот новото издание на Vogue ќе биде бесплатно, но набргу читањето статии ќе се наплатува.

Всушност, како што велат аналитичарите, станува збор за сè попопуларниот тренд кај медиумите, односно за специјализација на нивните публикации. Така се привлекува помала, но побогата публика, наместо многубројни читатели и уште помногубројни огласувачи.