Претседателот на Владата, Зоран Заев, министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, и претседателот на Националниот совет за ИКТ во Владата на Република Македонија, Владимир Цветковиќ, денеска остварија средба со генералната менаџерка на „Мајкрософт“ за 24 земји од Централна и Источна Европа, Анке ден Ауден.

Како што соопшти владината прес-служба, на средбата било заклучено дека соработката со оваа врвна и светски позната ИТ-компанија ќе се продлабочува и во таа насока „Мајкрософт“ претставува сериозен партнер на Република Македонија, особено во процесите на дигитална трансформација и обезбедување сајбер-безбедност. На средбата станало збор за заедничка платформа која ќе опфаќа соработка на повеќе полиња, а целта што треба да се постигне е граѓаните да почувствуваат директни придобивки од дигитализацијата на одредени процеси и услуги.

„Со нашето зачленување во НАТО се зголемува потребата, но и наша обврска е да работиме на зголемување на безбедноста и сигурноста на сајбер-просторот. Во тој процес исклучително важна е помошта што „Мајкрософт“ како водечка ИТ-компанија во светски рамки може да ѝ ја даде на Република Македонија“, порача премиерот Заев.

Премиерот ги информира генералната менаџерка и претставниците на компанијата „Мајкрософт“ дека оваа година е планирано намалување на данокот од добивка за информатиката и информационите технологии од 10 на 3 отсто и оцени дека оваа мерка заедно со нашето членство во НАТО ќе претставува доволен поттик за компании од ИТ-секторот да ја препознаат Република Македонија како стабилна земја и долгорочна бизнис-дестинација и да реализираат нови инвестиции во Република Македонија.

Во таа насока премиерот Заев информира и за финансиската поддршка предвидена преку планот за економски раст за компаниите и за развој на нови иновативни проекти на младите луѓе. Целта, како што велат од Владата, е да се поттикне креативноста на младите луѓе да создаваат, да ги препознаат новите перспективи што се отвораат со членството на земјата во НАТО и да почувствуваат сигурност од државата и мотив да останат, живеат и работат во Република Македонија.