Со појавата на дигиталните медиуми новинарството во изминатата една и пол деценија доживеа значајни промени. Многумина упатени во оваа професија тврдат дека новинарството е во криза на глобално ниво, пред сѐ, поради феноменот на лажни вести. Исто така, со засилениот процес на глобализација локалните медиуми полека исчезнуваат.

Како позитивна вест во оваа приказна проструи информацијата дека компанијата „Фејсбук“ ќе инвестира 300 милиони долари во новинарството, со цел да придонесе за подобрување на квалитетот на вестите. Планот е најголем дел од оваа сума во нареднинте три години да се инвестира во локалните медиуми и во други разновидни програми. Парите првенствено се наменети за новинари што обработуваат вести од терен и кои имаат проблем со финансирањето.

„Фејсбук“ инвестира во новинарството за да им овозможи на локалните медиуми да развијат модел на претплата. На овој начин тие ќе го подобрат бизнисот што ќе им донесе профит, а за таа цел се предвидуваат и инвестиции во непрофитните медиуми. Овој потег доаѓа во време кога интернетот е преплавен со непроверени вести за кој често се користи и фразата лажни.

Кемпбел Браун, директор на „Фејсбук“ за партнерства за вести, смета дека компанијата не може да го промени интернетот, но може да им помогне на професионалните новинари да постигнат успех на социјалните мрежи, како и надвор од нив. Најпопуларната социјална мрежа тестира начини за зголемување на видливоста на локалните вести за кои ќе бидат заинтересирани корисниците

„Фејсбук“ на ваков чекор се одлучи и поради лошата репутација, со која се стекна по американските претседателски избори и наводите за злоупотреба на кориснички податоци.