Основачот и директор на компанијата Huawei, Рен Џенгфеи, реши да го прекине молкот и ѝ се обрати на јавноста по обвинувањата дека неговата компанија ги шпионира корисниците кои дојдоа од повеќе земји, пред сè од САД.

„Huawei никогаш не би им дозволил на кинеските власти да пристапат до податоците на корисниците, дури и кога Пекинг би го побарал тоа. Не, кинеските власти никогаш не побарале од нас пристап до податоците“, рекол тој, отфрлајќи ги на овој начин наводите дека „Хуавеј“ работи во корист на државата. Џенгфеи рекол дека компанијата е посветена на корисниците.

„Кинеското министерство официјално појасни дека во Кина не постои закон што ги обврзува компаниите да инсталираат ‘бекдор’ пристап до корисничките уреди. Во Кина тоа не постои. Ниту ‘Хуавеј’, ниту јас лично никогаш не сме добиле такво барање од која било влада да обезбедиме какви било информации, посебно не недолични“, рекол тој.

Основачот на „Хуавеј“ е поранешен офицер на Народноослободителната армија на Кина и угледен член на Комунистичката партија. Рен рекол дека неговите долготрајни односи со Комунистичката партија не влијаат на неговиот став и решителност да се спротивстави на барањата на која било влада која би барала податоци за корисниците.

Властите на САД забранија продажба на телефоните на „Хуавеј“, како и телекомуникациска опрема од оваа компанија под изговор дека се користат за шпионажа. Но работите кулминираа неодамна со приведувањето на ќерката на Рен во Канада, која е финансиски директор на „Хуавеј“, поради американските обвинувања дека компанијата продавала забранета технологија на Иран.

Минатата недела кинескиот суд, пак, осуди на смрт канадски дилер на дрога под обвинение дека во земјата внел 220 килограми метамфетамин. Сега се чека на одлука од Канада, а многу аналитичари тврдат дека се работи за класична размена, посебно поради тоа што судот затворската казна за канадскиот државјанин од затворска казна ја преиначи во смртна казна.

Рен одбил да ја коментира ситуацијата со неговата ќерка. Само кусо рекол дека многу му недостасува, како и дека верува дека американскиот и канадскиот правен систем се фер и дека ќе ја почека одлуката пред да даде коментар.