Од трите најголеми играчи на пазарот, раст на продажбата би можел да забележи единствено Huawei, додека Samsung очекува пад од осум проценти, а Apple од дури 15 отсто.
Светскиот пазар на паметните телефони веројатно ќе забележи пад и во 2019. година, откако лани продажбата падна прв пат откако постои пазарот, што е последица на послабата побарувачка и другите негативни фактори, покажува анализата на тајванската компанија TrendForce.
Според оваа анализа, оваа година ќе бидат произведени 1,41 милијарди паметни телефони, што е 3,3 отсто помалку од минатата година.
Побарувачката за овие уреди веројатно ќе падне поради недостатокот од нови уреди со позначајни нови функции, сметаат аналитичарите на TrendForce.
Истакнуваат дека производството би можело да падне и за 5 проценти на годишно ниво, поради несигурноста во врска со трговската напнатост помеѓу САД и Кина, но и забавувањето на растот на најголемите светски стопанства, што значи дека слабее и побарувачката.
TrendForce проценува дека оваа година најголем удел на пазарот ќе зграби јужнокорејскиот Samsung, 20 отсто, а ќе го следува кинескиот Huawei со удел од 16, а потоа Apple со 13 проценти.
Од трите водечки играчи во оваа индустрија, единствено Huawei би можел да забележи раст на производството, сметаат аналитичарите на TrendForce.
Од друга страна, производството на Samsung би можело да падне за 8 проценти, на 293 милиони уреди, додека Apple би можел да забележи пад на производството од 15 проценти, на 189 милиони уреди.
Претходно, уште една аналитичка компанија, Strategy Analytics процени дека оваа година ќе падне продажбата на паметни телефони, за 0.6 проценти.
И оваа компанија очекува дека Samsung ќе го задржи најголемиот пазарен удел, од 20,3 отсто, а ќе го следи Huawei, со удел од 16 проценти, и Apple со 14,4.
И додека двете аналитички компании очекуваат пад на продажбата на паметни телефони, IDC проценува дека оваа година продажбата ќе порасне за повеќе од 2 отсто, откако според проценките, лани паадна за 3 проценти, на 1,42 милијарди уреди.