Овие денови, повеќе светски агенции му доделија свои сертификати на првиот смартфон на Xiaomi со Android Go оперативниот систем – Redmi Go.
Xiaomi досега во својата понуда имаше исклучиво телефони со оперативните системи Android One и MIUI кој исто така е Android, но значително изменет од кинеската компанија. Но, наскоро во понудата ќе пристигне и еден смартфон од линијата Redmi, кој ќе се заснова на Android Go.
Уредот со кодна ознака M1903C3GG по доаѓањето на пазарот ќе се вика Redmi Go. Засега на овој уред потребните сертификати му ги доделија агенциите FCC, EEC и IMDA. За самиот уред во овој момент нема премногу познати информации.
Redmi Go ќе се заснова на Android 9.0 Pie, односно на неговата Lite верзија Go Edition. Ќе има поддршка за две SIM картички, Wi-Fi (2,4 GHz), Bluetooth (4.2). Засега не е познато на кој процесор ќе се темели, ни колкава количина RAM ќе има. Но, ако може да се суди според останатите Android Go модели, Redmi Go не би требало да има повеќе од 1 GB RAM.
Судејќи според верификуваните димензии од 141 x 71 милиметри, Xiaomi Redmi Go ќе имплементира екран помал од шест инчи.