Дури 52,5 милиони кориснички сметки на Google+ беа изложени на ранливост поради која приватните податоци на корисниците им беа достапни на партнерски апликации.

Социјалната мрежа на Google која што требаше да му биде конкурент на Facebook, но никогаш ниту приближно не ја искористи поставената цел, ќе биде „изгасена“ и порано од тоа што се најавуваше.

Првите најави беа дека Google+ ќе престане со работа во август идната година, но од Google потврдија дека тоа би можело да се случи веќе во април.

Причина за поместувањето на рокот е безбедносниот пропуст кој што од Google го открија во својот софтвер, а кој на партнерските апликации им овозможил пристап до приватните податоци на корисниците на социјалната мрежа.

Поради овој пропуст, се проценува дека биле загрозени дури 52,5 милиони корисници на Google+, па затоа Google ќе побрза со гасењето на социјалната мрежа.

Иако од Google порачаа дека ранливоста била за кратко време откриена и поправена, а личните податоци на корисниците на Google+ не биле загрозени, сепак, јасно е дека инцидентот беше доволно сериозен за да го забрза процесот за исчезнувањето на социјалната мрежа.

Интересно е тоа што од Google за ранливоста и потенцијално загрозените лични податоци на корисниците на социјалната мрежа Google+, ја известија јавноста во пресрет на сведочењето пред американскиот Конгрес на првиот човек на интернет гигантот, Сундар Пичаи кој ќе говори за начините на кои што Google ги собира податоците.

Извор: Zimo.hr