Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, се обрати на презентацијата на нацрт-студијата за изводливост за Научно-технолошки парк во Скопје. Носител на проектот е Фондот за иновации и технолошки развој, а се имплементира во соработка со Министерството за информатичко општество и администрација.
Како што потенцираше министерот Манчевски, идејата за технолошки парк во минатото била далеку од реализација, за разлика од денес
„Среќен сум што имаме не само презентација на физибилити-студија, која ја финансираше и Европската Унија, туку за разлика од други проекти или стратегии, веќе се обезбедени и целосни финансиски средства и целосна конструкција за тој да стане реалност. Следната година, многу брзо откако оваа студија ќе се финализира, ќе се направи комплетен план и технолошкиот парк ќе стане реалност“, истакна Манчевски изразувајќи задоволство што се вклучени сите универзитети и стопански комори.
Според него, државата нема намера да биде сопственик ниту водач во технолошкиот парк, туку тоа треба да бидат универзитетите, бизнисот и студентите, што всушност го покажува и избраната локација, со цел да се развие нов вид на претприемнички дух и задржување на младите во нашата држава, односно квалитетниот кадар.
На презентацијата се обрати и директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Јован Деспотовски, кој посочи дека на вчерашниот состанок биле прецизирани деталите за претстојните активности во насока на целосна реализација. Притоа појасни дека Научно-технолошкиот парк ќе има три столба, односно првиот ќе значи поддршка на процесот на дигитализација, вториот столб е делот за трансфер на технологија, а третиот е акцелерација на стартап-компании.
На денешниот настан беше презентиран севкупниот концепт на научно-технолошкиот парк, а присутните, меѓу кои претставници на релевантни институции, факултети и стопански комори, имаа можност да дискутираат и дадат свои предлози до конечна финализација на проектот, во којшто е вклучен и тим од меѓународната консултантска фирма „ДАИ“, како и претставници на делегацијата на Европската Унија во државата.