Користењето интернет во домаќинствата во Македонија е зголемен на 79,3 проценти во првиот квартал годинава во споредба со 73,6 проценти во истиот период лани, а има подобрување и во начинот на пристап потребен за е-трговија, покажува истражувањето на Асоцијацијата за е-трговија во Македонија.

Според истражувањето, 79,2 проценти од популацијата во Македонија на возраст од 15 до 74 години употребиле интернет или околу 1,3 милион жители, од кои од машки пол 80,9 проценти, а од женски 77,4 проценти. Од младите на возраст од 15 до 24 години, пак, интернет користеле  97,5 проценти. Најмалку употребувале интернет лицата од  55 до 74 години (46,7 проценти) во изминатите 12 месеци. Речиси секој ден интернет користат 68,7 проценти од популацијата на возраст од  15 до 74 години и тоа пак повеќе мажите од жените. За да пристапат до интернет, најмногу користеле мобилен или паметен телефон 68,8 проценти од интернет-корисниците, потоа од лаптоп 41,1 процент, од десктоп 36,5 процент и 14 проценти пристапиле од таблет.

Македонците на интернет најмногу зборувале и учествувале на „Фејсбук“, и тоа 64,8 проценти од интернет-корисниците, но помалку од минатата година, односно 83,8 проценти. Што се однесува до користење интернет за социјални мрежи, кое е најголемо, мажите (68,6 проценти)  многу повеќе од жените (60,9 проценти) учествувале на социјалните мрежи. Исто така, во споредба со минатата година, намалено е користењето на интернетот и за телефонирање, праќање/примање електронска пошта.