WhatsApp за Android пристигнува на таблет уредите во бета форма

Популарната интернет мрежа работи на тоа да ја донесе апликацијата на таблет уредите со Android.

WhatsApp е една од најпопуларните апликации за испраќање пораки на мобилните уреди, но се уште не е достапна за таблет уредите. Барем не официјално. Ова наскоро ќе се промени, бидејќи WhatsApp работи на тоа да ја донесе апликацијата на таблет уредите со Android.

Според најновиот извештај, WhatsApp за таблети е моментно подготвен за преземање од Google Play Store, но само доколку сте бета тестер. Бидејќи се уште е во бета, забележливо е дека апликацијата нуди лимитиран број на функции, а останатите ќе бидат додавани низ процесот на развој и тестирање.

За користење на апликацијата ќе ви биде потребен таблет со SIM слот, бидејќи сервисот не работи на уредите само со WiFi. Доколку ги исполнувате сите барања и сакате да ја испробате апликацијата, WhatsApp за Android на таблет уредите можете да ја побарате на Google Play Store.

Исто така, ќе ви биде потребен и втор WhatsApp налог, со оглед на тоа дека бета апликацијата не дозволува спарување на таблетот со телефонот и користење на истиот профил на двата уреда.