Сирискиот авиопревозник „Сиријан ер“ преговара за купување на рускиот нов авион „МЦ-21“, потврди извршниот директор на компанијата, Тала Абдулкарим. Планирано е авионот официјално да биде претставен во 2020 година, а сега е во фаза на тестирање. Досега се направени 2, а цената за моделот „МЦ-21-200“ е 72 милиона долари, додека моделот „МЦ-21 – 300“ ќе чини 91 милион долари.

„Ноедамна се јавивме да разговараме со руската страна за купување авиони ‘МЦ-21’. Нашата компанија сака да биде прва што ќе купи авиони од овој бренд“, рекол Абдулкарим.

Тој нагласил дека тоа ќе овозможи програмата за летање на авиокомпанијата да се прошири и на други линии. Според него, компанијата може да ги покрие трошоците за авионот, чии технички карактеристики ги задоволуваат нивните потреби.

Ваквите информации се уште една потврда на изјавата на сирискиот министер за сообраќај, Али Хамуд, кој на почетокот на месецов рече дека Сирија е заинтересирана да ја обнови флотата со руски „МЦ-21“.

Авионот „МЦ-21“ е со два моторА со краток и среден дострел, а дизајнот е на компанијата „Иркут“. За разлика од старите советски летала, новиот авион е направен од композитен материјал кој помага да се намали тежината и да се зголеми неговата комерцијална ефикасност.