YouTube влогерот Зак Нелсон, попознат под прекарот JerryRigEverything стигна до уште еден скап смартфон. Овој пат на свој карактеристичен начин го тестираше најновиот „флегшип” на Huawei – Mate 20 Pro.
Како и секогаш, тестирањето почна од екранот, односно од проверката колку е отпорен на гребење. Во овој дел немаше изненадувања, како и кај поголемиот дел смартфони на пазарот, така што екранот на Mate 20 Pro почна да се оштетува дури под ножот со тврдост 6.
Тоа е всушност добар резултат, бидејќи можете да бидете сигурни дека дисплејот нема да се оштети ако телефонот се најде во ист џеб со клучеви и метални парички. Скалпелот очекувано се покажа погубен за металните делови – мрежичката за звучникот, рамката на мобилниот и копчињата за вклучување на уредот и контролата на гласноста на звукот.
Но, скалпелот не го оштети најбитниот дел – стаклото зад кое се сместени камерите. Со помош на скалпелот не беше можно да се оштети ни задниот панел на куќиштето. Позадината овој пат е тестурирана, што помага Mate 20 Pro цврсто и сигурно да лежи во рака.
Тестот со запалка добро поминуваше во првите 24 секунди, но во 25-та екранот попушти под отворениот оган и на него почнаа да се појавуваат бели дамки. За разлика од бројните смартфони со LCD екрани, кај кои дамките исчезнуваа откако ќе се оладеше загреаното место, овде тоа не беше случај. Бидејќи Mate 20 Pro има AMOLED екран, дамките остануваа трајно видливи.
За крај, Нелсон го остави тестот на свиткување. Како што можете да видите во приложеното видео, Mate 20 Pro не помина добро на овој тест. Под прстите на Нелсон попушти предното стакло, но задното тестурирано стакло издржа. Иако предното стакло пукна, екранот остана исправен и уредот можеше да се користи. Како единствен проблем се покажа скенерот за отпечатоци од прсти во екранот, преку кој не беше можно да се отклучи уредот преку оштетеното стакло.