Многумина мислат дека е предоцна за независност од азиските добавувачи

Германија одлучи да го електрифицира патниот сообраќај, што значи забрзана транзиција од конвенционалните погонски состави на фосилни горива на исклучиво електрични погони. На овој пат, на многуте германски производители ќе им бидат потребни батерии, многу батерии, и тие пред се доаѓаат од Азија.

Со цел да се стави крај на оваа зависност, во приказната се вклучува државата со една милијарда евра како поддршка на конзорциум чија цел е производство на батерии, но исто така и активности за истражување и развој во оваа област. И токму новите технологии во областа на батериите можат да бидат од суштинско значење во новото премерување на моќта во автомобилската индустрија, а кое е се поблиску.

Освен драстичното намалување на зависноста, Германија со ова вложување полесно ќе ги амортизира големите промени во индустријата, особено во однос на неизбежното гасење на многу работни места. Ако во 2030 година се забранат моторите со внатрешно согорување, тоа во превод значи загрозување на 430.000 работни места, пишува Reuters. Генерирање na нови работни места би требало да ги амортизира овие големи промени и да го направи помалку болно отстапувањето од класичните мотори со внатрешно согорување.

Многу аналитичари сметаат дека сепак е предоцна за да се надмине конкуренцијата. LG Chem и Samsung SDI веќе работат со целосна пареа, а тука некаде е и Contemporary Amperex Technology (CATL), компанија која ќе гради фабрика во Германија во соработка со BMW.