Настрана безбедносните и етичките прашања, она што креаторите и корисниците на таквите апликации, на некој начин ги загрижува е – во кое доба сакаат да бидат “дигитализирани”?

Прашањето дали постои живот после смртта, веројатно потекнува од самиот почеток на човештвото. Што се случува со човекот кога ќе умре, дали продолжува да живее во некој друг облик?

Токму тоа прашање си го поставил еден Романец откако ја примил веста дека неговиот добар пријател починал. Од оваа трагедија се родила идејата за „виртуелната бесмртност“, поточно создавање на аватар на еден човек после неговата смрт.

Првиот чекор е создавање на апликацијата “Eternime” која што во текот на животот на корисникот, ќе собира информации преку неговото користење на паметниот телефон и преку “chatbot”.

Идејата е да се искористат сите собрани податоци за после смртта на човекот, да се создаде еден виртуелен аватар кој во позадина ќе има “chatbot” со цел семејството и пријателите да можат да продолжат да „разговараат“ со корисникот после неговата смрт.

„Собираме геолокации, движење, активности, податоци за здравјето, спиење, фотографии и пораки“, истакна креаторот на “Eternime”, Мариус Урсаче.

Со оглед на големата количина на лични податоци кои што ќе бидат собрани, Урсаче истакнува дека никогаш нема да прикажува огласи во апликацијата, но има во план на корисниците да им понуди верзија со плаќање доколку сакаат некои дополнителни услуги.

Иако засега за тестирање на апликацијата “Eternime” се пријавиле повеќе од 40 илјади луѓе, само 40 од нив добиле шанса да ја тестираат апликацијата. За нив апликацијата е како дигитален дневник во кој ги запишуваат секојдневните случувања, сеќавања, чувства – работи кои што инаку би ги заборавиле.

Тоа што Урсаче сака да го направи веќе го има создадено Еугениа Кујда. Таа после смртта на нејзиниот пријател Роман, од 10 илјади негови текстуални пораки креирала “chatbot” кој што дава впечаток како да се допишува со Роман. Во позадина на нејзината апликација „Реплика“, се наоѓа вештачка интелигенција која што учи преку „разговорот“ со корисниците. Веќе сега има повеќе од 200 илјади активни корисници, а има собрано и 11 милиони долари инвестиции.

Сепак, сега се поставува прашањето во кој период од животот, корисниците сакаат да бидат „дигитализирани“?

Дали сакаат засекогаш да останат млади, или да ги забележат своите сеќавања од постарите години?

Покрај тоа, како да се „цензурираат“ одредени делови од животот на одредени членови од семејството? Затоа што, нашите чувства не секогаш ги споделуваме со сите и некои работи ги задржуваме за себе.

Извор: Zimo.hr