Во обид да го ограничи појавувањето и ширењето на спам и ботови, Twitter го ограничи бројот на профили кои корисниците можат да ги следат. Оваа измена е со цел да се подобри платформата и да се обесхрабрат корисниците кои креираат и манипулираат со лажни профили.

Отсега на Twitter корисниците ќе им биде дозволено да заследуваат по 400 луѓе во еден ден, а на тој начин ќе се спречат ботовите кои во краток период заследуваат по илјадници луѓе и потоа спамираат со штетна или непотребна содржина.

Раководството на Twitter даде и логично објаснување за новата измена. Оттаму велат дека бројката од 400 профили е оптимална и ги задоволува сите потреби за нов корисник кој сака да се упати во користењето на оваа социјална мрежа, а притоа не е доволно голема за да може ефективно да се спроведе спам содржина на сајтот. Претходната граница беше поставена на 1000 заследени профили.

„Забележавме дека половина од корисниците кои заследуваат по 400 профили дневно почнуваат да пласираат спам содржина на Twitter. Тоа резултира во повеќе од 20 милиони заследувања дневно и голем број пријавувања за типот на содржината, како и блокирање на одредени профили. Знаеме колку можат да бидат напорни неорганските заследувања“, објасни Јоел Рот, одговорен за интегритет и развој на Twitter.

Покрај оваа измена, Twitter отстрани и огромен број профили кои не беа во согласност со политиките и правилата на оваа социјална мрежа. Најголемиот дел од нив ширеа лажни вести и беа вклучени во „други видови на штетно однесување“.