Официјалната iOS апликација за платформата Tumblr мистериозно исчезна од App Store, а се шпекулира дека причина за тоа е несоодветната содржина на платформата која ги прекршила правилата на Apple.

Своевремено најбрзо растечката социјална мрежа и микроблогинг платформа Tumblr повторно накратко доби публицитет, откако овие денови, без објаснување исчезна нејзината апликација за iOS уредите.

Проблемите со Tumblr апликацијата почнаа на почетокот на минатата недела, за да кулминираат последните денови, со нејзиното исчезнување од App Store.

Самиот Tumblr веќе издаде официјално соопштение во кое се истакнува дека се работи на решавање на овој проблем и се проверува што го предизвикално исчезнувањето на апликацијата од App Store. Се претпоставува дека проблем би можеле да бидат несоодветните содржини кои се појавија на платформата, а кои ги кршат официјалните правила на Apple.

Поради кршење на одредени правила, Apple знаеше нагло да исфрла и други апликации од App Store. Во поголем дел од случаите, програмерите и компаниите кои стојат зад апликацииите, работеа заедно со Apple за да ги решат проблемите со кршењето на правилата и исфрлените апликации обично во многу краток рок биле враќани во App Store.