Државниот пазарен инспекторат на Република Македонија се стреми да ги следи трендовите, па така благодарение на соработката со Проектот на УСАИД за модернизација на инспекциските служби, се одржа обука на тема „Инспекцискиот надзор во е-трговијата во Република Македонија“. Инспекторите имаа можност да слушнат повеќе за е-трговијата, нејзиниот раст, развојот, но и предизвиците што ги носи таа за нив како институција.

Во изминатиот период од Државниот пазарен инспекторат велат дека се во пораст пријавите од измамени граѓани што извршиле купување преку интернет, особено преку социјалните мрежи од нерегистрирани трговци за разни производи или услуги. Она што го добиваат не соодејствува со она што го нарачале, а кога не можат да си ги остварат правата, се обраќаат до Државниот пазарен инспекторат за помош.

Апелираме граѓаните да внимаваат од каде нарачуваат и да ги проверуваат и веб-страниците на тие фејсбук-страници од кои нарачуваат. Сè почести се претставките од оваа природа кога измамените купувачи потоа не можат да стапат во контакт со продавачот и да го вратат или заменат производот. Дополнително, кога вршат нарачки од меѓународни веб-продавници, треба да се свесни дека Државниот пазарен инспекторат нема надлежност над други меѓународни пазари надвор од територијата на Република Македонија за да може да презема понатаму мерки за решавање на таквите претставки“, велат од Државен пазарен инспекторат на Република Македонија.

Онлајн-купувањето е во пораст во земјата, сè повеќе граѓаните се охрабруваат да купат онлајн и да ги искористат придобивките од тоа, зголемениот избор и можности, подобри цени и удобност во купување 24/7. Но, во исто време треба да бидат внимателни во изборот од каде ќе купат. Во Македонија има околу 500 регистрирани активни е-трговци и се очекува значително зголемување на овој број, а со тоа и зголемување на понудата од домашните компании.

„Мило ми е што е-трговијата е ставена во фокус и во Државниот пазарен инспекторат. Една од главните теми на оваа обука беше токму справувањето, превенцијата и намалувањето на сивата економија во е-трговијата, која им пречи на сите регистрирани е-трговци што ги почитуваат регулативите, но и на самиот економски ситстем и буџетот на Република Македонија. Дополнително, мило ми е што имавме можност отворено да дискутираме со инспекциската служба во Инспекторатот за моментата регулатива за е-трговија и што има слух и отвореност за промени и соработка со реалниот секторот“, вели Нина Ангеловска, претседател на Асоцијацијата за е-трговија и предавач на обуката.

На тема откривање и превенција на нелегална електронска трговија зборуваше и претставник од Министерството за внатрешни работи – сектор за криминал и дигитална форензика, кој истакна дека се отворени за соработка со Државниот пазарен инспекторат како државен орган со надлежност за контрола над домашниот трговски пазар и внатрешна трговија во Република Македонија, но и со реланиот сектор и граѓаните.