Израелската компанија Evation Aircraft планира до 2020 година на пазарот да го објави првиот електричен комерцијален авион. Тој подвиг нема да биде евтин, а на Израелците за реализацијата ќе им бидат потребни 200 милиони долари.
– Имаме убедлива деловна стратегија. Трошокот за еден лет со нашиот авион би бил околу 200 долари, за разлика од 1.000 долари колку што е трошокот на авионот на млазен погон – објасни Омер Бар-Јохај, извршен директор на авиокомпанијата, признавајќи дека им се потребни инвестиции.
Засега тие „преживуваат“ со вложувања од мали инвеститори и финансиска поддршка од израелската влада.
Evation Aircraft би ги продавала авионите за 3 милиони долари, а како што вели Бар-Јохај, веќе имаат договор со потенцијални оператори. Тие дизајнирале неколку електрични модели, а изградиле само еден прототип.
Станува збор за леталото именувано Alice, кое собира девет патници и со едно полнење на батеријата поминува нешто повеќе од илјада километри. Дури 65 отсто од масата на авионот се литиум-јонски батерии. Најголемата брзина што ја достигнува е 440 километри на час, а тоа е дупло помалку од класичен авион. Оддалеченост од 150 километри Alice би ја поминал за дваесетина минути.
Пазарот за електрични авиони пораснал за 30 отсто во споредба со лани, а моментално има стотици различни проекти во светот кои работат на развој на електрични летала. На пример, Zunum Aero, компанијата зад која стојат „Боинг“ и JetBlue Airways, сака до 2022 година да развие хибриден патнички модел на авион.
Калифорниската компанија „Joby Aviation“ се обидува да извади електрични такси-авиони на пазарот – помали модели кои би превезувале до четворица патници. Истото го најавија и од Uber, од каде што планираат да извадат таков модел до 2023 година. Според нив, авионот на Uber би слетувал и полетувал вертикално. Во бизнисот се вклучија и компаниите Siemens, Airbus и Rolls-Royce, работејќи на хибридно-електричен погонски систем.
Извор: Jutarnji.hr