Најпрост можен начин да го забрзате својот компјутер и да се ослободите од непотребниот софтвер

Еден од најголемите проблеми со купувањето нов компјутер е тоа што воглавно доаѓа со однапред инсталиран софтвер – воглавно програми кои се со ограничено траење и потоа бараат да ја купите финалната верзија, но и оние кои воопшто не ви требаат. А сите тие можат значително да го забават компјутерот.

Можете да пробате да го деинсталирате секој од нив поединечно за да го исчистите својот компјутер, но за тоа е потребно време и сите тие програми ќе остават нешто зад себе во системот.

На цела среќа, можете да го доведете својот Windows 10 во совршена состојба, благодарение на целосно бесплатната алатка која ја нуди Microsoft.

Алатката на компанијата Refresh Windows ги чисти сите апликации кои не доаѓаат вградени во Windows, така што инсталира свежа копија на оперативниот систем.

За да му пристапите, кликнете на Start> Settings и потоа изберете ја опцијата Update & security. Кога ќе се најдете во ова мени, кликнете на Recovery подесувањето во левиот панел.

Потоа одете на линкот во десниот панл под опцијата More recovery options, која почнува со “Learn how to start fresh with a clean installation of Windows“.

Тој линк ќе ве одведе на веб-страницата со информации за Refresh Windows алатката, заедно со копче за негово преземање. Кога ќе го симнете и инсталирате програмот, стартувајте го.

Ќе ви се појави екран кој ве прашува дали сакате да се ослободите од сите апликации и подесувања и да ги задржите личните фајлови, или сакате да се ослободите од се. Доколку не сакате целосно чиста машина, веројатно ќе сакате да ги задржите личните фајлови. Изберете ја таа опција и кликнете на Start.

Оваа алатка потоа го презема и инсталира Windows 10 од нула. Сега можете да направите долга пауза за кафе, бидејќи ова ќе потрае.

Кога е се завршено, логирајте се на новиот Windows како што тоа обично го правите.

Сега Windows сам ќе заврши со сите потребни подесувања. Кога тоа е готово, сте добиле чист Windows 10 без сите непотребни програми.

Секако, сега останува само уште да ги поставите оние подесувања кои вам ви одговараат и да го инсталирате целиот дополнителен софтвер кој ви е потребен.

Затоа најдобар момент за ова е кога ќе купите нов компјутер.