Група од меѓународни научници успеала да го поврзе потеклото на испитаниците со чувствата што различните бои ги будат кај нив.

Резултатите од истражувањето „A machine learning approach to quantify the specificity of colour–emotion associations and their cultural differences“ (Користење на машинското учење за утврдување на специфичноста на асоцијација на боите и чувствата и нивните културолошки разлики) покажуваат дека чувствата што ги предизвикуваат различните бои кај луѓето зависат од тоа од која земја тие доаѓаат. Процентот на точно поврзување бил околу 80 отсто.

Осум истражувачи од неколку светски универзитети испитале 711 испитаници од Кина, Германија, Грција и Велика Британија. Тие најпрво ги прочитале имињата на 12 бои, како „зелена“ или „тиркизна“ и тоа секој на свој јазик, а потоа назначиле која од 20. понудени емоции ги побудила некоја боја и колку силно бојата била поврзана со предизвиканото чувство. Боите што предизвикале најмногу емоции биле црвена, црна и розова, додека кафеавата и виолетовата побудиле послаби асоцијации. На сите испитаници црната им асоцирала на тага, без оглед на тоа од која земја доаѓаат, а црвената – на позитивни емоции како љубов и задоволство или негативни како омраза и бес.

Она што е поинтересно се културолошктие разлики што кај некои бои дошле до израз. Така, на пример, Германците повеќе ја поврзувале кафеавата боја со чувство на гадење отколку припадниците на која било друга земја, а Грците биле единствени што виолетовата боја ги асоцирала на тага. Белата боја кај Кинезите будела прилично негативни емоции (таму луѓето на погребите традиционално носат бело), додека жолтата будела позитивни чувства кај сите, освен кај Грците.

Како научниците дошле до овие резултати? Имено, тие користеле еден вид вештачка интелигенција, машинско учење, што користи податоци за да истренира програма да направи корелација што не е лесно видлива и очигледна за луѓето. Истражувачите велат дека истражувањето покажува дека оваа технологија може да се употреби за пронаоѓање смисла кај истражувањето на емоциите, што е поле каде што податоците често се комплицирани и со нијанси, а ретко црно-бели.

Извор: National Geographic.rs