За развој на е-трговијата, потребен е холистички пристап и партнерски однос помеѓу бизнисите, банките, владата и корисниците. Во 2017 година се формира Асоцијацијата за е-трговија на Македонија токму за поврзување на сите засегнати страни со цел соработка за раст и развој на е-трговијата. Објавените резултати за 2018 година од страна на Државниот завод за статистика се охрабрувачки и може да дадат мотивација за понатаомшни активности и работа за постигнување поголеми резулатати, вели Нина Ангеловска, претседател на Асоцијација за е-трговија на Македонија и директор и коосновач на „Групер.мк“.

Спроведената анкета во првото тримесечје на 2018 година во Република Македонија, во која испитаниците се изјаснуваат за направените онлајн-нарачки и купувања во последните 12 месеци, покажува раст на онлајн-трговијата. Во овој период нарачале/купиле онлајн 31,6 отсто како процент од интернет-корисниците спрема 19,5 отсто во истиот период минатата година, што претставува пораст од 62 отсто. Тоа значи дека 406 илјади Македонци нарачале/купиле онлајн во последните 12 месеци.

Што купувале најмногу? Македонците, како и во минатата година, најмногу купувале облека и спортска опрема, но структурно со помало учество од минатата година. На сметка на тоа повеќе купувале производи за домаќинство, храна и друго.

Од каде купувале најмногу? Она што е особено значајно за е-трговците од Македонија е дека за разлика од минатата година (31,7 отсто), Македонците најмногу онлајн купувале од продавачи од земјата (52,3 отсто). Ако во минатото доминантна онлајн-трговија била кај продавачите од другиот дел на светот, најновте податоци на Државниот завод за стaстистика покажуваат дека Македонците доминантно онлајн тргувале од домашните е-трговци.