Според резултатите од истражувањето на Pew Research Center, половина од корисниците на YouTube ја користат оваа платформа за да научат да прават нови работи.

За потребите на студијата биле испитани 4.594 Американци, 51 одсто од нив рекле дека го користат YouTube за да научат да прават нови работи. Истражувањето се однесува на регистрирани и нерегистрирани корисници.

Како да врзете вратоврска, како да научите да плетете, како да направите одредено јадење се некои од најчестите пребарувања на YouTube. Сепак, едукацијата не е единствената причина за тоа зошто луѓето користат YouTube. Дури 28 проценти од корисниците изјавиле дека така побрзо им минува времето, додека 19% го користат за споредба во текот на купување, а некои и да дознаат што се случува во светот.

Поради сериозните проблеми што ги има со теоријата на завери и дезинформациите, се чини дека YouTube не е добар извор на вести, но сепак поновите генерации кои пораснале во технолошкото време, информациите ги добиваат воглавно преку оваа платформа.

“Близу 32 проценти од корисниците кои YouTube го посетуваа неколку пати дневно и 19 проценти од корисниците кои страницата ја отвораат еднаш дневно, велат дека оваа платформа им помага подобро да ги разберат настаните во светот. Без оглед на важноста и ажурноста на оваа платформа, близу 64 проценти од испитаните изјавиле дека понекогаш гледаат лажни видеа, 60 проценти изјавиле дека наидуваат на објави кои содржат насилничко однесување, а 11 одсто од испитаниците рекле дека наидуваат на навредлива содржина на оваа страница”, гласат резултатите од ова истражување.

Ова истражување покажа дека YouTube многу им помага и на родителите. Според резултатите, 81% од родителите им дозволуваат на децата да гледаат видео записи на YouTube, а 34 проценти од родителите им дозволуваат на своите деца редовно да ја користат најголемата онлајн мрежа за видео записи.

Извор: Klix.ba