По силните ветришта кои ја зафатија Далмација и ги прекинаа сообраќајните врски со островите, познатата хрватска плажа „Златни Рат“ на јужниот брег на островот Брач повторно го смени својот изглед, пренесува загрепски „Јутарњи лист“.

Се наведува дека поради силниот ветер и активноста на морските струи, врвот на „Златни Рат“ се свртел кон запад, и дека плажата таквиот изглед ќе го задржи сѐ додека струјата и ветерот не го поправат.

Весникот пренесува информации од локални интернет страници, кои пишуваат дека вакви случаи имало и порано, при што на врвот од осровот се формира свиок со езерце во средината, во кое влегуваат смели пливачи кои со својот чин само дополнително ја нагласуваат природната сензација.

Хрватскиот весник наведува дека „Златни Рат“ е заштитен природен пејзаж и посебен геоморфолошки феномен односно дека неговите песочни страни се долги околу 400 метри, а во средината се наоѓа густа борова шума.